Автопатското поврзување на Охридско – струшкото крајбрежје значително ќе го зголеми бројот на туристи, смета Здружението од областа на туризмот и угостителството “Туристички Сојуз” со седиште во Охрид. На седницата на Извршниот одбор на здружението одржана деновиве усвоени биле повеќе препораки за подобрување на состојбите во туризмот, кои во голем дел се однесуваат на инфраструктурата.
-Туристичкиот Сојуз ги поздравува активностите на Владата за автопатско поврзување на Охридско-струшкиот регион со Скопје но исто така инсистира што поскоро Стража да се реши со автопат. Странските туристи кои доаѓаат со автобус го посочуваат овој дел како најтежок во патувањето. На автопатот се забележува расфрлано ѓубре, безжичниот интернет на патарините не функционира, додека автопатаот Гостивар – Тетово заради искинатата заштитна ограда на повеќе места е небезбеден и е далеку од современ автопат. Автопатското поврзување на Охридско –струшкото крајбрежје со запад ќе донесе минимум 10-15% зголемување на туристите посебно од соседните земји.- заклучува Туристичкиот сојуз.
Здружението посочува дека патот од Битола до Охрид кој е мошне значаен за туристите од Р.Турција кои се моментално најбројни кај нас, најитно треба да се рехабилитира и трансформира во експресен пат со заобиколница кај Ресен.
Туристичкиот сојуз ги охрабрува локалните самоуправи на Охрид и Струга во наредниот период да се насочат на подобрување на локалната инфраструктура. Здружението укажува на потребата од изградба на автобуски постојки по европски стандарди, бидејќи во моментов тие се во многу лоша состојба. Како пример е наведен град Скопје, каде има постојки со ред на возење.
-Туристичкиот Сојуз ги поздравува активностите и проектите на локалната самоуправа и Градоначалникот на Охрид за разубавување на градот (изградбата на фонтаната кај мини маркетот, малиот плоштад кај старата библиотека, изградбата на дел од пешачката патека од каналот студенчишта до хотел Парк) но исто така го охрабруваме Градоначалникот заедно со Советот на Охрид и Владата да ги реализираат ветените проекти како нова автобуска станица, затворен пазар, аква парк во Охрид, затворен базен, поврзување на кејот со патека до Канео, изградба на марина и изградба на малото пристаниште, како нов квалитет во туристичката понуда на Охрид. Туристичкиот Сојуз ги поздравува инфраструктурните проекти на локалната самоуправа но истите треба да се реализираат надвор од месеците јули и август. Исто така Туристичкиот Сојуз ги поздравува активностите на Градоначалникот на Струга и локалната самоуправа во разубавување на просторот посебно новото шеталиште од десната страна на реката Црн Дрим и го охрабруваме да продолжи во таа насока. Во градот е неопходно изградба на пристаниште.-стои во заклучоците.
Туристичкиот сојуз посебно го акцентира проблемот со камповите на Охридско-струшкото крајбрежје за кои во континуитет има големи поплаки од туристите, кои во најголем дел се однесуваат на нивната неуреденост.
-И покрај тоа што Владата го донесе Законот за кампови тој не се имплементира на терен. – забележува Туристичкиот сојуз.
Здружението оценува дека овогодинешната туристичка сезона е успешна, како и дека мерките за субвенционирање на туризмот и на авионските летови кон аеродромот во Охрид даваат резултати. Според Туристичкиот сојуз потребна е поголема и подобра промоција на земјата на туристичките саеми во светот, како и воведување на попусти на цените на аранжманите надвор од главната сезона.
OhridNews