Во првиот источен концесиски пакет кој е во должина од 180 километри, предвидена е изградба, реконструкција, одржување и наплата на патарина на патните правци Крива Паланка-Романовце, Кочани-Штип и Миладиновци-Штип, како и реконструкција, одржување и наплата на патарина на изградените патни правци Миладиновце-Скопје (Хиподром) и обиколница Скопје. Автопатот Ќафасан – Охрид – Гостивар влегува во вториот, западен концесиски пакет. Тој предвидува изградба на 196 километри автопат на патните правци Стенковец-Блаце, Гостивар-Ќафасан и реконструкција и одржување со наплата на патарина на изградената магистрала Гостивар-Тетово-Скопје.
Владината идеја за концесионирање на седумте патни правци наиде на остри критики од опозицијата. Најгласен меѓу критичарите е охридскиот пратеник Томе Чингоски, кој смета дека идејата на Владата е нереална и неостварлива на терен и дека сите силни најави за изградба на автопатната мрежа во земјата се очаен обид да се привлечат што поголем број инвеститори , како би можело да се наполни нереално проектираниот буџет.
– Ние како политичка партија бевме против распишувањето тендер за овие патишта затоа што не се создадени услови да бидат издадени под концесија, вели Чингоски.