Специјализираните автомобилски седишта во кои треба да се превезуваат бебињата и децата се вистинска реткост во охридските автомобили. Од она што може да се забележи по улиците низ Охрид, родителите, своите дечиња најчесто ги превезуваат необезбедени, седнати во скутот на мајките или на автомобилското седиште.
Дека охриѓани не обрануваат внимание на безбедното превезување на децата во автомобилите потврдуваат и охридски трговци кои продаваат бебешки реквизити.
-На лагер имаме различни видови видови на седишта за деца, но ретки се родителите кои одлучуваат да ги купат. Сметаме дека причината за тоа е ниската економска моќ, но големо влијание има и фактот што седиштата за деца не се законски задолжителни, велат трговците.
Тие објаснуваат дека цената на детските автомобилски седишта се движи од 3.500 до 8.000 денари и истата зависи од големината, квалитетот на седиштето и неговиот производител.
Од СВР Охрид информираат дека според Законот за безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Македонија единствено постои забрана за превезување на деца на предното седиште во автомобилот.
-Во патнички автомобил на предното седиште не смее да се превезува дете помало од 12 години. За непочитување на одредбата предвидена е казна од 45 евра во денарска противредност или 25 негативни поени во возачката книшка, велат од СВР Охрид.
Оттму напоменуваат дека задолжителна е употребата на сигурносните појаси за сите патници во моторното возило без одглед дали седат на предното или на задното седиште.
За разлика од Македонија во други европски земји законот е поригорозен, па освен забраната за возење деца на предно седиште, постојат и други законски одредби. Дури во 90 отсто од развиените земји постојат законски одредби што се однесуваат на оваа проблематика, додека во само 20 отсто од неразвиените држави во светот постојат законски одредби со кои се регулира безбедноста на децата во возилата.
Од Светската здравствена организација (СЗО) многу пати до сега предупредувале дека седиштата за бебиња и за деца во автомобилите, во случај на сообраќајна несреќа може да ја намалат смртноста на новороденчиња за 70 отсто, а на малите деца меѓу 54 и 80 отсто.