Околу 50 отсто од македонскиот извоз е поврзан со европската автомобилска индустрија, поради што падот кај европската автомобилска индустрија веќе се чувствува и кај домашните компании. Во април имавме намалување на извозот за 60 проценти, додека во периодот од јануари до јуни извозот беше намален за 24 проценти во споредба со истиот период минатата година, пишува „Нова Македонија“.

Пандемијата значително ги влоши економските перформанси на автомобилската индустрија, која сѐ уште не успева да се врати на старите параметри. Иако упатените укажуваат дека има подобрување на состојбите во Европа, автомобилскиот сектор и понатаму работи со намалени капацитети и со намален обем на нарачки. Најголем дел од компаниите во Македонија што се од областа на автомобилската индустрија соработуваат со европските земји, поточно со компании што произведуваат и продаваат на европска почва. Инволвираните во оваа гранка истакнуваат дека за нејзино заздравување најбитно е тоа што ќе се случува следните месеци со пандемијата и дали очекуваниот нов бран на ширење на вирусот ќе предизвика нови рестриктивни мерки и потреба од нови прекини со работа.

Забележуваме дека во одредени европски земји каде што државите дадоа големи стимуланси имаше позитивни резултати во месеците јуни и јули, кои беа подобри и од минатата година истиот период. Но одредени земји како Германија, Шпанија и Англија, сѐ уште не се приближија на нивото од минатата година. За август сѐ уште нема официјални податоци, но досегашните податоци укажуваат на постепено заздравување. Сега клучно прашање е до каде ќе стигне тоа заздравување и што ќе се случи есенва, бидејќи како што гледаме во одредени земји како Франција, Шпанија, па дури и Германија повторно имаме раст на лицата заболени со коронавирусот.

Затоа многу е значајно што ќе се случува есенва во поглед на ширењето на вирусот и дали тоа ќе наметне потреба од нови рестриктивни мерки – посочува Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Стопанската комора на Македонија.

Мизо дополнува оти очекувањата се дека производството и продажбата на автомобили оваа година ќе се намали за 20 проценти. Во согласност со ваквите прогнози, тој смета дека и во Македонија компаниите што се дел од автомобилската индустрија ќе имаат намалување на нарачките во сличен обем, пренесува „Нова Македонија“.

OhridNews
извор: „Нова Македонија“