Полицијата уапси две лица откако покрај Богородичната црква во Париз беше најден автомобил полн со плински боци и без таблички. Уапсени се 34-годишен маж и неговата 29-годишна партнерка. Автомобилот марка „Пежо 607“, во која имало седум плински боци, откриен е откако полицијата забележала дека нема регистарски таблички.

Бил паркиран близу катедралата, која е познат објект во главниот град на Франција и годишно ја посетуваат 13 милиони туристи. Во автомобилот покрај плинските боци имало и книга на арапски јазик. Според полициски извори, плинот не бил поврзан со никаков детонатор. Анти-терористичката полиција на Франција покрена истрага.

Франција е во вонредна состојба по серијата терористички напади во земјата од јануари лани, до последниот напад кога во Ница возач на камион усмрти 86 лица. Две недели потоа двајца џихадисти убија свештеник во Руен.

Терористичката организација Исламска држава презеде одговорност за нападот од ноември 2015 година кога беа убиени 130 лица во Париз, како и за другите терористички акти.

OhridNews
извор Макфакс