Дизајнерскиот тандем Кенет Кобонпу и Албрехт Биркнер се гордите автори на првиот биолошки разградлив автомобил на светот. Возилото го нарекле „Феникс“, а го направиле од бамбус, палми, челик и најлон, и тоа само за десет дена. Водени од идејата дека треба да се избегне отпадот откако ќе им заврши рокот на траење, концептот го изградиле така да каросеријата трае колку и просечното време на траење на нормалните автомобили.
Во индустриски развиените земји траењето на автомобилите е околу 5 години, додека во помалку развиените 10 до 20 години. Авторите објасниле дека доколку сопственикот сака да го вози автомобилот и по поминувањето на пет години, каросеријата лесно може да се замени. Дизајнерите сеуште не знаат каков ќе биде погонот на 388 сантиметри долгото возило.