Со развојот на туризмот, а особено последната деценија, се повеќе до израз доаѓа лошата сообраќајна инфраструктура во градот и најзначајните знаменитости на брегот на Охридското Езеро. Истоварот на туристи кај Горна порта во стариот дел на Охрид е ноќна мора како за возачите на автобуси, така и за останатите учесници во сообраќајот кои мора да чекаат големите возила да изманеврираат за да продолжат кон дестинацијата. Но, најголем проблем и натаму претставува тесниот пат од Пештани до Св. Наум, каде разминувањето на автобуси на одредени места е речиси невозможно, а често пати тие создаваат колони, особено во шпицот на сезоната.

Овој патен правец е граден во средината на педесеттите години од минатиот век и од тогаш делницата од Пештани до Св. Наум речиси да не е чепната. Државата постапувајќи по забелешките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година се откажа од идејата за изградба на нов пат од Охрид до Св. Наум, со што единствена алтернатива останува евентуално подобрување на постојното инфраструктурно решение, или пак, изнаоѓање алтернатива за непречено движење на возила и луѓе на оваа фреквентна делница.

OhridNews