Манастирскиот комплекс Св. Наум беше најпосетуваното место на ривиерата за време на првомајскиот викенд во Охрид. Стариот и тесен пат кој води до познатото светилиште ги умори возачите кои на места беа приморани да чекаат во долги колони за да се разминат габаритните автобуси кои превезуваа туристи  од и кон Св. Наум.

Овој патен правец е изграден во средината на минатиот век, а освен проширување на делот од Охрид до Св. Стефан во деведесеттите години, и некој корекции, речиси и да нема поголема интервенција на него. Од друга страна, бројот на туристи во Охрид од година во година се зголемува, а со тоа и бројот на возила кои сообраќаат на овој пат кој води и кон граничниот премин Св. Наум.

Државата планира да го растовари сообраќајот на оваа делница со изградба на експресен пат низ националниот парк Галичица, што од друга страна, пак, може да предизвика нарушување на еко системот кој од неодамна е прогласен за биосферен резерват заштитен од УНЕСКО. Премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, на партискиот собир одржан неодамна во Охрид, ја потврди изградбата на експресниот пат од Охрид до Пештани во вредност од околу 60 милиони евра, посочувајќи дека државата при реализацијата на овој проект ќе ги запази сите еколошки стандарди. 

-Во овој момент интензивно работиме на овој проект, со цел да се спречат сите грижи околу еколошките стандарди. Со Европската банка за обнова и развој договоривме изработка на еколошка студија која ќе ги утврди точните параметри за патот. Сакам да најавам дека со таа еколошка студија која ќе обезбеди еколошка одржливост согласно сите процедури и стандарди, веќе на есен очекуваме и распишување на постапка за избор на изведувач на градежни работи и ако се е во ред согласно планот до крајот на годината ќе започне изградбата на оваа значајна патна делница која ќе биде од корист за охриѓани, но и столб на развој на туризмот во Охрид и регионот.-рече Груевски.

Државата минатата година иницираше измени во Планот за управување со Национален парк Галичица за периодот 2011-2020 година, кои предвидуваат промена на одредени зони во паркот од активно управување во одржливо користење. Со предвидените измени 395 хектари од националниот парк кои во најголем дел сега се наоѓаат во зона на активно управување на Националниот парк, ќе бидат пренаменети во зона за одржливо користење со цел да се реализираат најавените проекти за изградба на експресен пат и ски центар. На ова реагираа екологистите, но и дел од експертите. Тие укажуваат на негативните последици врз паркот и загрозување на одредени ендемски видови, што е наведено и во стратегиската оцена за влијание врз животната средина. Истовремено тие изразија очекување дека надлежните, односно националниот парк, општината и министерството за животна средина ќе ги земат предвид забелешките и препораките на експертите и дека при планирањето на просторот ќе бидат испочитувани меѓународните конвенции за заштита на природата чиј потписник е Македонија, како и дека ќе бидат извршени консултации со УНЕСКО

Г.М.