Три од четири австриски деца на возраст од 10 до 13 години не се во состојба да ги разликуваат основните вкусови – благо, солено, кисело и горчливо, се истакнува во студијата на група австриски научници.
Резултатите од истражувањето кое го спроведе тим на научници од факултетот за природни ресурси и применети науки во Виена, покажале дека само 27,3 проценти од децата ги препознале сите основни вкусови, 23,6 проценти само еден, додека 8,1 процент не препознале ниту еден.
Австриските научници навеле дека постои можна врска помеѓу конзумирањето на брза храна и дегенерација на густативните сетила кај децата. Имено, децата кои рекле дека никогаш или скоро никогаш не јаделе брза храна подобро ги препознавале вкусовите од децата кои редовно ја јаделе таа храна.
Децата од селските средини и пониските одделенија во основните школи, исто така покажале подобри резултати од децата од градските средини и повисоките одделенија.
Подобри резултати исто така покажале деца кои помалку јадат бел леб, а редовно јадат овошје и зеленчук.
Никој од научниците не бил изненаден што поголемиот дел од децата (75%), можеле да го препознаат на нив омилениот вкус, благиот.