Ракометните репрезентации на Македонија и Австрија во сабота, во Виена ќе го одиграат возвратниот- бараж натпревар, по кој ќе биде познат учесникот на Светското првенство, чии домаќин во 2013 година ќе биде Шпанија.
Првиот натпревар кој се одигра во Скопје, заврши со победа 26:21 на македонската репрезентација, предност која е комотна, но која не гарантира мирен реванш.
Македонските репрезентативци уште пред првиот меч истакнаа дека Австрија не треба да се потцени и ветија дека и во двата меча ќе играат на победа.
Австријците по поразот во Скопје, а на два дена пред реваншот се оптимисти дека со помош на публиката ќе ја надополнат негативата од пет гола.
„
Во сабота нема да има никакви оправдувања, ние треба многу да се подобриме да се фокусираме на натпреварот, да делуваме како екипа. Треба да ги сведеме на минимум техничките грешки и се надевам, дека со помош на публиката ќе успееме“, изјави за интернет страницата на Ракометниот сојуз на Австрија, селекторот Петеркур Јоханесон.
Голманот Томас Бауер, кој во Скопје со провокации се обидуваше да ги деконцентрира македонските ракометари, се согласува со селекторот, и тој смета дека со гласно навивање од трибините, неговите соиграчи ќе извојуваат победа од најмалку шест голови разлика. нешто поумерен во изјавата е капитенот на репрезентацијата на Австрија.
„Почетната позиција, негатива од пет голови, за нас не е идеална, но не изгледа се така безнадежно. И понатаму сме во игра, тоа не е голема негатива, ќе дадеме се од себе во сабота“, смета Виктор Силаги.
Реванш натпреварот помеѓу Австрија и Македонија ќе се одигра во Алберт Шулц Хале, чии капацитет е 6.300 седишта, а ќе започне во 20:25 часот.
“макфакс“
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com