Австралиските власти дошле на идеја да увезат слонови, а најверојатно и носорози, кои би живееле на широките пространства на северот на овој континент. Имено, остварувањето на оваа идеја би го решил проблемот со високата африканска трева која брзо се шири и постојано предизвикува пожари. Дејвид Боумен, професор по биологија на Тасманискиот универзитет, истакнал дека една од најчестите причини за пожарите во австралиските савани е џиновската африканска трева. Проблемот бил во тоа што таа била превисока за кенгурите и биволите, но за слоновите и носорозите би била одлична храна.

Иако Боумен сметал дека оваа идеја кај многу од жителите во Австралија ќе предизвика противење и осуда, тој рекол дека секој друг метод за контрола на високата трева би подразбирал користење на хемиски средства и физичко чистење на теренот кое истиот би го уништил. Австралија имала лоши искуства со увезување на животни во земјата, па доколку овој план би се спровел, биолозите ќе мораат будно да го следат влијанието врз екосистемот, а исто така и би морале да го држат бројот на слоновите и носорозите под контрола.