Јавното обвинителство на Република Северна Македонија преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, ја известува јавноста дека продолжува во континуитет да ги следи случувањата поврзани со изборниот процес. Јавните обвинители посветено постапуваат во борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, давајќи придонес кон нивно сузбивање и превенирање.

Ја известуваме јавноста дека и во текот на изборниот ден, во вториот круг од локалните избори, на 31 октомври 2021 година, ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства. Во процес на меѓусебно координирано известување, Комисијата ќе го следи процесот на гласање во сите општини каде има втор круг од изборите. Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување, велат од ЈО.

Од ЈО потсетуваат дека во функција е отворената електронска адреса [email protected], каде секој кој смета дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес може да достави поднесок / пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности.

OhridNews