Јавното обвинителство соопшти дека будно го следи изборниот процес и веднаш ќе постапува при евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето. Формирана е Комисија во рамки на обвинителството, а јавните обвинители во континуитет работат на терен.
Итно и со приоритет се постапува по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите, при што известувањата веднаш се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства. Комисијата даде задолженија до обвинителствата за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик. – соопшти Јавното обвинителство.
Јавното обвинителство ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции, сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок / пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса [email protected] или до надлежните основни јавни обвинителства.
OhridNews