Постои поделеност меѓу граѓаните во однос на тоа дали сакаат да се вакцинираат против Ковид-19, при што 37 отсто сакаат да се вакцинираат додека 36 проценти експлицитно изјавуваат дека „нема да се вакцинираат, односно дека не сакаат да се вакцинираат“. Речиси една четвртина (23%) се двоумат и би почекале да видат дали вакцинирањето ќе има несакани последици.
Ова се наведува во резултатите од редовниот бран на ОМНИБУС истражувањето спроведено од БРИМА од 24 февруари до 9 март 2021, наменето за повеќе клиенти, на прашањето „вакцинирањето против КОВИД-19 започна, дали ти лично сакаш да се вакцинираш против КОВИД-19“.
Истражувањето е спроведено по пат на теренска анкета, лице-в-лице во домот на испитаникот, на национално репрезентативен примерок со 1205 анкети на популација од 15+ години во земјава, со кое беа опфатени и две прашања во врска со вакцинирањето против Ковид-19.
Анализата покажува дека 52 отсто од испитаници на возраст од над 55 години сакаат да се вакцинираат, наспроти само 35 проценти од граѓаните на возраст од 35 до 54 години и 24 отсто од анкетираните во старосната категорија од 15 до 34 години.
Според работниот статус на испитаниците, 61 проценти од пензионерите сакаат да се вакцинираат, а кај другите категории – вработените, невработените, домаќинки и студентите процентот се движи во опсег од 21 до 36 отсто. Од друга страна, 41 проценти од испитаниците од урбаните средини сакаат да се вакцинираат, наспроти 32 отсто од оние што живеат во руралните средини.
На испитаниците (освен оние кои јасно се изјасниле дека нема и не сакаат да се вакцинираат) им беше поставено прашањето „со која вакцина би сакал да бидеш вакциниран против Ковид-19?“, при што и по однос на типот на вакцина со која би сакале испитаниците да бидат вакцинирани постои поделеност.
Меѓу испитаниците најмногу преферирана е вакцината на „Фајзер-БиоНТек“ (22 отсто), потоа е руската вакцина Спутник В (17 проценти), 7 отсто би ја преферирале кинеска вакцина, 5 проценти се за „АстраЗенека“ и 3 отсто за „Модерна“. Една четвртина (25 проценти) не знаат со која вакцина би сакале да бидат вакцинирани против Ковид-19, а на 20 отсто им е се едно со која вакцина ќе бидат вакцинирани.
– Ова истражување иницира повеќе дополнителни истражувачки прашања меѓу кои се и зошто помладите во повисок процент не сакаат да се вакцинираат, кои се причините што влијаат за оваа поделеност во јавноста во врска со вакцинирањето, како и во врска со изборот на типот на вакцина, дали се граѓаните доволно информирани за ефикасноста на вакцините – од кои и какви извори на информации и каква е потребата за широка кампања за подигнување на свеста во врска со вакцинирањето и вакцините, наведуваат од БРИМА.
БРИМА спроведува ОМНИБУС истражување четири пати годишно (февруари/март, мај, август/септември и ноември) и е наменето за повеќе клиенти – секој со свој блок на прашања за кои имаат ексклузивно право на користење. Истражувањето е отворено за секој заинтересиран за учество во еден или повеќе бранови.
OhridNews