Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска го одржа четвртиот јавен состанок на којшто беа презентирани спроведените активности согласно Годишната програма за работа на Агенцијата и структурата на вработените во аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија во 2021 година.

Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски ги презентираше годишните активности, при што посочи дека се реализирани редовни програмски и административни надзори врз десет телевизии на локално ниво, пет национални терстријални телевизии и четири непрофитни радија.

Извршен е редовен административен надзор врз 106 радиодифузери за обврската до 30 септември на сопствената програма во ударните термини да ги објават податоците за сопственичката структура, уредништво и извори на финансирање во претходната година и снимка од објавата да достават до Агенцијата во рок од 15 дена на објавувањето, истакна Трајчевски.

Исто така, извршени се вонредни административни надзори во пет телевизии и десет радиостаници, за да се утврди дали ги исполнуваат минималните кадровски услови утврдени во Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услуги за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување. Констатирано е дека само една телевизија не ги исполнува условите, поради што ќе биде поведена постапка за да и се одземе дозволата.

Катерина Доневска од АВМУ ја презентираше „Структурата на вработените во аудио и аудиовизуелната медиумска индустрија во 2021 година“.

Вкупниот број на вработени во целата индустрија во 2021 година изнесува 2449 лица, од кои 56 проценти се ангажирани во комерцијалните телевизии, 16 отсто во комерцијалните радиостаници и 28 проценти во Македонската радио-телевизија. Редовен работен однос имале 1814 лица, а 635 биле хонорарно ангажирани, информираше Доневска.

Во споредба со 2020 година, Доневска посочи дека во 2021 година бројот на вработените се намалил за 138 лица. Според полот, 60 отсто од вработените се мажи, а 40 проценти жени. Најголем дел од вработените се со завршено високо образование.

Најголемо учество во структурата имале новинарите, 39 проценти и реализаторите, односно лица ангажирани како сниматели, режисери и монтажери со 25 отсто, додаде Доневска.

OhridNews