Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека слободата на изразување е уставно гарантирана категорија и како таква е неприкосновена, со што, како што наведува, се приклучува кон реакциите во врска со судската пресуда донесена од судијката Јованка Спировска Панева во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, за сторијата „Заговор против воздухот“.

Оваа слобода може да биде ограничена само во одредени, точно определени случаи кога се загрозува јавната безбедност и мир, јавното здравје и слично. Граѓаните имаат право да бидат објективно, навремено и точно информирани за сите прашања кои се од исклучителна важност и се однесуваат на јавниот интерес и остварувањето на ова право треба да биде поттикнувано и охрабрувано од сите релевантни чинители во општеството, наведуваат од АВМУ.

Воедно, посочуваат дека објавувањето уреднички обликувани содржини, во кои не се прекршени професионалните новинарски стандарди кои притоа се емитувани и на јавниот сервис е во насока на остварување на слободата на говор и слободата на информирање и зачувувањето на интересот на граѓаните.

OhridNews