Авионската несреќа што се случи во Скребатно, го засени народниот собир  што по повод верскиот празник Успение на Пресвета Богородица традиционално секој 28-ми  август се одржува во ова место кај црквата посветена на мајката божја.


Околу 4000 верници и граѓани присуствуваа на одбележувањето на празникот во едно од најубавите излетнички места во охридско. Дел од нив присуствуваа на богослужбата што утрото се одржа во храмот посветен на Богородица, по што се одржа традиционалното наддавање за крстот, кој годинава го „купи“ Владо Аслимоски, инаку полицаец по професија.


Владо лицитираше дури 1800 евра за чесниот крст кој останува во сопственост на црквата, која нему му подари вредна икона издлабена во дрво. Други донатори подарија уште 1050 евра.  „Ми причинува особена чест што можам на ваков начин да помогнам ова инаку исклучително убаво место да стане уште поубаво“, ни изјави Аслимоски.


Владо Аслимоски

Веќе петнаесетина години црковните одбори во кои членуваат повеќе истакнати граѓани по потекло од скребатскиот крај трпеливо го надградуваат црковното место кое од година во година привлекува се поголем  број постители. „Минатата година со нас тука беше евроамбасадорот Фуере, а доаѓаат тука и други државници и истакнати личности“, ни кажа низ разговор еден од постарите членови на Црковнииот одбор, Танас Лупески.


Танас Лупески

Црквата целосно е возобновена пред 4 години на темелите на стариот храм, кој со точност не се знае од кога потекнува. Скребатно кое се наоѓа на надморска височина од 1000 метри по течението на Скребатска река, за прв пат во пишан документ се спомнува во 1583 година.


На темелите на вековната традиција денешните генерации не само што ја чуваат верата и обичаите туку претставуваат и вистински пример како треба да се сака и надградува едно свето место. Во тоа им помагаат и нашите во дијаспората со по некој долар, франк или евра. Крсте Лолески по пауза од неколку години се врати во родниот крај од далечната Австралија каде со своите пријатели собрал 25.000 долари за изградба на црквата. „Воодушевен сум од тоа како изгледа ова место сега и натаму ќе помагам тоа да се одржува“, ни изјави Лолески.


Крсте Лолески


Поп Диме Кочоски, кој богослужеше по повод празникот вели дека Скребатно е едно од најубавите места во охридско каде народот доаѓа со задоволство во голем број. „Убаво е да се видат луѓето меѓу себе, да се расположат и ужваат во убавините на ова свето место, но мислам дека луѓето треба најпрвин внимание да обратат на духовниот дел, а потоа да се опуштат со храна и пијалоци“, вели поп Диме.


Забораваме на духовно вели поп Диме

А храна и пијалоци и годинава имаше во изобилство. Додека освежителните пијалоци  се наплаќаа, ручекот и оваа, како и сите години наназад откога Црковниот одбор го организира одбележувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица, беше бесплатен. И тоа за 4000 души.


Манџа за 4000 луѓе

Во десетина бакарни лонци се крчкаше манџа за чија подготовка биле заклани 60 овни. Јадењето го служеа доброволци во дрвени тањири. Но, закуската, како и празнувањето годинава во Скребатно беа со горчлив вкус поради големата трагедија во која при пад на авион „цесна“ во излетничкото место, животот го загубија 4 лица.


трагедијата го засени празникот

Горан Момироски