Познатиот авион од типот „Boeing 747“ наречен „Ed Force One“ на британската хевиметал група „Iron Maiden“ во саботата се судрил со возило за влечење на аеродромот во чилеанската престолнина Сантјаго, се наведува во соопштението на официјалната страница на бендот на „Facebook“, пренесува „Макфакс“.
Членовите на групата не биле во авионот во моментот на несреќата, во којашто се повредени двајца аеродромски работници кои се пренесени во болница и е предизвикано сериозно оштетување на воздухопловот.
Се додава дека авионот слетал на аеродромот во Сантјао за да земе гориво и да се подготви за следниот лет на патот од Андите за градот Кордоба, каде што „Iron Maiden“ трeба да настапат во неделата.
Инженерите на местото на несреќата ја проценуваат штетата. Според прелиминарните процени, два мотора се многу оштетени и можно е да биде неопходно нивно целосно заменување.
„За среќа 20-те тони наша опрема не се наоѓаа во „Ed Force One„ за време на хаваријата. Иако е многу тажно тоа што се случи со нашиот прекрасен авион, тоа нема да се одрази врз нашата турнеја, вклучително и претстојните настапи во Кордоба и Буенос Аирес“, се истакнува во соопштението на бендот.
„Металците“ патуваат по петте континенти со приватниот авион наречен „Ed Force One“ со кој пилотира вокалистот и пилот Брус Дикинсон.
OhridNews
извор:„Макфакс“