Малиот авион кој бил во француска извидувачка мисија над Средоземното Море се урнал при полетувањето од Малта во понеделникот и притоа загинале сите пет лица во авионот, соопштија во понеделникот попладнето малтешките власти.
Авионот од типот „Metroliner“, кој може да прими околу десет патници, се урнал околу 7,30 часот утрото по средноевропско време набрзо по полетувањето недалеку од пистата на главниот аеродром на Малта. Аеродромот по несреќата беше затворен неколку часа.
Летот требало да биде изведен во рамките на царинската операција којашто Франција ја спроведува последните пет месеци, а станува збор за следење на трговијата на луѓето и криумчарењето на дроги, се наведува во соопштението на малтешката влада. Функционери од аеродромот изјавија дека авионот требало да лета до градот Мисрата во Либија.
„Станува збор за извидувачки авион… кој спроведуваше операција за надзор над Средоземјето за министерството за одбрана“, изјави францускиот министер за одбрана Жан-Ив Ле Дриан. Во авионот биле тројца функционери на министерството за одбрана и двајца приватни службеници по договор на дело, сите Французи, додаде министерот.
Сите пет тела се пронајдени, потврди владата на Малта, додавајќи дека во тек е истрага за да се утврди што се случило. „Официјалните информации, снимките очевидците… јасно укажуваат на тоа дека немало експлозија пред падот“, се наведува во владиното соопштение.
Извори од аеродромот првично соопштија дека во авионот биле службеници на Фронтекс, агенцијата на Европската унија за безбедност на надворешните граници, но агенцијата подоцна соопшти едена никој од нејзините припадници не бил во урнатиот авион.
OhridNews
извор: „Макфакс“