Набрзо по полетувањето од пистата во Њујорк, авион на компанијата „Џет Блу“ морал да се приземји, бидејќи во неговиот прозорец удрила гуска. Во инцидентот немало повредени, освен гуската која неславно ја завршила воздушната авантура. Авионот во кој имало 54 патници безбедно слетал на пистата на аеродромот во предградието Вестчестер Каунти од каде и полетал.

Портпаролката на компанијата „Џет Блу“ потврдила дека во несреќата немало повредени и дека авионот немал оштетувања. Таа објаснила дека пилотот го приземјил авионот поради безбедноста на патниците. Праксата на принудно слетување на авиони по судар со птици не е ретка. Пред три години, еден пилот бил принуден да слета на површината на реката Хадсон по судар со јато гуски.