Спортски авион се заплеткал во жици на далековод за време на слетувањето во аеродром во јужна Германија.
Постар брачен пар долго ќе го памети слетувањето во малиот аеродром во Јужна Германија. Наместо на пистата завршиле заплеткани помеѓу каблите на далековод со напон од 380 000 волти. Речиси три часа виселе главечки дваесет метри над земјата додека спасувачките екипи не успеале да дојдат до нив.
Првичниот план бил да се спасат со хеликоптер, но таа идеја е отфрлена како преопасна. Од авионот се спасени со помош на хидраулична дигалка. Парот поминал без повреди, само со вртоглавица предизвикана од тричасовното седење главечки.