Авион на грчката авио компанија „Olympic Airlines“ во понеделникот наутро морал да кружи повеќе од половина час над аеродромот во Лезбос бидејќи контролорот на летот заспал и задоцнил на работа.

Авионот со 73 патници полетал од Атина и согласно со планот на летање стигнал во 6:35 часот над аеродромот на Лезбос, остров во Егејско Море.


Слетувањето било овозможено во 7:10, кога контролорот на летот се појавил на работното место со 35 минути задоцнување бидејќи не се разбудил на време.

„Никогаш не можев ни да помислам дека такво нешто е возможно. Кружевме повеќе од 30 минути над Лезбос, бидејќи никој немаше во контролната кула“ – изјавил еден грчки патник.

„Ќе ги казниме одговорните“ – изјавил министерот за транспорт, Костас Кацидакис.