Авион на Светската здравствена организација (СЗО) со медицинска опрема за Појасот Газа слета денеска на аеродромот Ел Ариш, на египетскиот полуостров Синај, а за оваа помош да биде испорачана во моментов се чека на отворање на преминот Рафа, меѓу Египет и Газа, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Подготвени сме да ја земеме опремата штом ќе се воспостави хуманитарен пристап преку преминот, напиша Тедрос на платформата X.

Египет го одреди аеродромот Ал Ариш за примање на пратките од хуманитарните организации и странски влади од каде ќе бидат донесени во Газа.

Преминот Рафа беше затворен претходно неделава откако израелските воздушни напади погодија област во близина на капијата од палестинската страна.

Откако пред една недела палестинската милитантна група Хамас изврши напад врз Израел, Израел возврати со жестоки воздушни напади врз Газа, блокирајќи го снабдувањето на енклавата со храна, вода, електрична енергија и го повика населението во северна Газа за 24 часа да се евакуира на југ од оваа густо населена територија.

OhridNews