Авион на германската нискотарифна воздухопловна компанија „Germanwings“ на летот од Хановер до Рим, принудно атерираше во Венеција денска попладне, бидејќи на еден член од екипажот и на патник им се слошило, потврдија од компанијата.
Капетанот на летот 4U 3882 од Хановер за Рим одлучил да го спушти авионот на венецискиот аеродром „Марко Поло“, бидејќи еден член на екипажот, како и една патничка, не се чувствувале добро, пишуваат италијанските медиуми.
Капетанот на патниците им објавил дека во авионот има две лица кои не се чувствуваат добро, а по слетувањето биле повикани да се преместат во друго летало. Аеродромот во Венеција засега официјално не ја објави никакви информации за слетувањето.
Патници во спуштениот авион за агенцијата Ansa потврдиле дека летот од Хановер доцнел десетина минути, но не ја знаат причината, како ни зошто биле префрлени во друг авион при продолжување на летот за Рим.
„Летавме над Алпите и требаше да го следиме правецот Верона – Болоња – Рим. Одеднаш забележавме дека авионот оди надолу и постепено пред нас се појавуваше лагуната на Венеција. Капетанот зборувајќи на англиски јазик ни соопшти дека две лица, член на екипажот и патничка, не се чувствуваат добро“, изјавил за агенцијата Еугенио Бартолини, професор во римска гимназија кој патувал со свои ученици, за кои вели дека останале присебни.
Потврдил дека во авионот влегле медицински лица кои укажувале помош на жена, за која се сомневаат дека имала страв од летање, но дека не знае што станало со членот на екипажот, зашто тој бил во пилотската кабина.
Од „Germanwings“ го потврдиле слетувањето на нивниот авион во Венеција, но според нив не станувало збор за случај кој може да се карактеризира како „итен“. „Две лица, еден патник и член на екипажот почувствувале сериозна слабост за што бил потребен медицински третман“, се вели во одговорот што го добила Ansa, без да се објасни карактерот или симптомите на кои се жалеле лицата.
OhridNews
Извор:„Макфакс“