Сите 62 патници и членови на екипажот загинаа, кога авион од типот „Боинг 737-800“ на авиокомпанијата „Флај Дубаи“ се урна рано изутринава при обид за слетување на аеродромот во рускиот град Ростов на Дон, јави ТАСС.

Руското Министерство за вонредни состојби инфромира дека авионот, кој летал на релација од Дубаи до Ростов на Дон, се урнал во 3:50 часот по локално време, при вториот обид за слетување на аеродромот.

-Авионот паднал на земјата и се распаднал. Според прелиминарните податоци, во него имало 55 патници и седум членови на екипажот. Сите загинаа, наведува руското Министерство.

Во соопштението се посочува и дека најголем дел од патниците во латалото биле руски државјани. Од вкупниот број загинати патници 44 биле Руси, осуммина Украинци, двајца Индијци и еден Узбекистанец, додека од членовите на екипажот четворица биле државјани на Обединетите Арапски Емирати, двајца Шпанци и еден Русин.

Поради несреќата аеродормот во Ростов на Дон е затворен за сообраќај и сите летови се пренасочени кон Краснодар.

Според првичните резултати од истрагата, причина за падот на авионот најверојатно е лошото време, но не е исклучена можноста да станува збор и за грешка на пилотот.

Во време на несреќата реонот на Ростов на Дон бил зафатен од невреме со ветер со брзаина од 22 до 27 метри во секунда.

Извор од истрагата во изјава за руските медиуми нагласи дека поради лошото време авионот не успеал да слета при првиот обид, по што по втор пат се обидел да се приземји. – При вториот обид (за слетување) се случил падот, наваде иститот извор.

OhridNews
Извор:„МИА“