Авионот Airbus A320 на јужнокорејската компанија Asiana Airlines имаше проблематично слетување вчера навечер на аеродромот Хирошима, на западот на Јапонија, при што се повредени 27 патници од вкупно 81 колку што се наоѓале во леталото, било официјално соопштено.
Според првичните информации, авионот при слетувањето удрил во комуникациска антена, а потоа се излизгал неколку стотици метри и се завртел за повеќе од 90 степени во лоши временски услови со дожд и магла.
По снимките емитувани денеска на јапонската телевизија, парчиња од шест метри високата антена се распрскале по тлото, а левото крило на авионот било оштетено.
Сите 73 патници и осум членови на екипажот биле евакуирани преку безбедносните тобогани. Според новинските извештаи леталото кое пристигало од аеродромот Инчеон близу Сеул летало прениско додека се доближувало до аеродромот, но Министерството за сообраќај во Токио не ја потврди оваа информација.
Аеродромот Хирошима е затворен за сообраќај и речиси сите летови се откажани.
OhridNews
Извор:„Макфакс“