По воведувањето субвенционирани летови на нискобуџетната унгарска компанија „Визер“ од аеродромите во Скопје и Охрид, деновиве има најава дека и водечката европска и светска авио-компанија „Рајан Ер“, ќе ја стави Македонија на својата мапа.

-Водиме разговори со македонската Влада за воведување летови до Скопје, изјавил Робин Киели, директор на одделението за односи со јавноста на „Рајан Ер“, за „Екс-Ју Авијација“, интернет страница специјализирана за следење на вестите од авиосообраќајот на Балканот.

„Рајан Ер“ е најголема авиокомпанија во Европа и најголема компанија според бројот на пренесени патници во светот и беше пионер во воведувањето евтини авионски летови и поврзува 30 европски држави. Според веста, „Рајан Ер“ разговарал со македонските власти за воведување поголем број летови од Скопје, кои, слично како во договорот со „Визер“, би биле субвенционирани од Владата.

Во веста се наведува дека аеродромот Александар Велики во Скопје забрзано станува главен центар за нискобуџетните авиокомпании во регионот и особено се очекува да доживее подем во текот на јули, со воведувањето на новите пет линии на Визер. Во веста се проценува дека скопскиот аеродром ќе го повтори успехот од минатата година, кога имаше пораст на бројот на патниците за 22 проценти, и годинава ќе забележи пораст од дури 25 проценти.

OhridNews