Општина Охрид ќе врши обезбедување на остварување на социјална заштита на граѓаните, од средствата на Буџетот на Општина Охрид, во облик на спроведување на мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги за граѓаните кои се изложени на социјални ризици, соопшти денеска локалната самоуправа.
За таа цел објавен е Јавен повик за субвенционирањето на трошоците за комунални услуги, кој се однесува за периодот од 01.01.2021 година, заклучно со 31.12.2021 година.
Вкупниот износ на субвенција ќе изнесува 670, 00 денари месечно и ќе се однесува на:
- Покривање на трошоците за потрошена вода за пиење до 320 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата;
- Покривање на трошоците за спроведување на отпад до 150 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата;
- Покривање на трошоците за одведување на отпадни и атмосферски води до 150 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата;
- Покривање на трошоците за плаќање на гробна такса-гробарина до 50 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата.
Право да поднесат барање за субвенционирање на трошоците за комунални услуги од општина Охрид, имаат лицата со статус на корисник на социјална помош или корисник на постојана парична помош или, пак, невработени подолго од 12 месеци, а доколку корисникот е во брак, тогаш и неговиот брачен другар да е невработен, стои во Јавниот повик.
Услов за погоренаведените категории е: корисниците и нивните брачни другари да бидат пријавени во Агенција за вработување на Р.М и активно да бараат работа, заедно со брачниот другар да не оствариле приходи поголеми од 105.240,00 денари во 2020 и да не поседуваат друг имот освен оној во кој живеат. Лица кои имаат најмалку 70% степен на инвалидитет или тешка болест, односно нивниот брачен другар или друг член на семејство е со инвалидитет од најмалку 70% или има тешка болест. Како тешка болест во оваа категорија се подразбираат малигни или церебрално васкуларни заболувања или други тешки заболувања. – се наведува во повикот.
Доколку се пријават повеќе од 150 лица, со статус на лица кои имаат најмалку 70% степен на инвалидитет или тешка болест, односно нивниот брачен другар или друг член на семејството е со инвалидитет од најмалку 70% или има тешка болест, во тој случај услов за оваа категорија на корисници е: во 2019 година заедно со брачниот другар да не остваруваат приходи поголеми од 105.240,00 денари, појаснуваат од Општина Охрид.
Јавниот оглас е објавен на веб страната на Општина Охрид.
OhridNews