Пејачката Уснија Реџепова долго ќе го памети годинашниот одмор во Охрид, откако мина неколку часа во албански затвор, пишува денешен „Утрински весник“, шповикувајќи се на сторија на белградскиот весник „Ало„“. Според  „Ало“, Реџепова и нејзиниот сопруг со глисер пловеле по Охридското Езеро и ненамерно влегле на албанска територија, по што биле приведени од тамошните власти.

„Ало“ пишува дека фолк-пејачката Уснија Реџепова (63) и нејзиниот сопруг Светомир Шешиќ со глисер се возеле по езерото. Случајно впловиле во албански води од каде што биле спроведени до царинарницата како да се терористи.

„Уште првиот ден кога пристигнавме во Охрид ни се случи малер. Се сместивме во хотел и решивме со нашиот глисер да одиме на излет до Свети Наум на границата меѓу Македонија и Албанија. Пловејќи со глисерот, на еден рид забележавме знаме, но поради ветрот не препознавме чие е. И додека се прашувавме дали е македонско или албанско, зад нас се појави полициски глисер“, вели Уснија Реџепова за „Ало“.

Пејачката се обидела на англиски и на македонски јазик да им објасни на цариниците дека тие се само туристи и оти случајно впловиле во нивните води. Но, цариникот, кој зборувал само албански, им наредил да тргнат по него.

„Многу се исплашив, прашував зошто не’ водат кога ние сме само музичари. На еден од нив дури му дадов и мое цеде. Не’ одвлекоа до некоја канцеларија каде што беше шефот. Нешто слично никогаш не сум видела. Кревети на кат со валкани душеци, ужас“, раскажува пејачката.

Реџепова и сопругот морале од хотелот во Охрид да извадат копии од документите и да докажат дека не се терористи. Тогаш шефот на цариниците им се обратил на македонски јазик и им покажал некој нов закон на Европската унија, според кој, туристите што случајно ќе впловат на туѓа територија парично се казнуваат од 500 до 10.000 евра.

„Тогаш пребледев. Немавме толку пари“, вели Реџепова. Со сопругот доживеале траума, бидејќи помислиле дека ќе бидат задржани во Албанија и дека ќе мора да одат в затвор.

„Кога шефот ни кажа дека ќе мора да платиме казна од 100 евра, ми дојде да го гушнам. Веднаш извадив пари, но тој не сакаше да слушне. Рече дека морало да се изготви записник, да се запечати, така што не’ пуштија по три часа. Не ни падна напамет повеќе да правиме излет толку далеку од македонскиот брег“, познатата пејачка го раскажува непријатното искуство за весникот „Ало“.

„Утрински весник“