„Авалон“ продукција денеска со соопштение во кое го објавуваат и договорот склучен помеѓу нив и Општина Охрид за настапот на Каролина и Ареа лани за Нова година , ги негира изнесените ставови и обвинувања во официјалното соопштение на оделението за односи со јавност при локалната самоуправа. Во него се посочува дека Авалон воопшто не го експонирал случајот во јавност туку тоа го направиле новинарите кои го разоткриле случајот. „ Кога веќе ни беше поставено прашање дали е сето тоа точно сосема нелогично беше да негираме нешто што навистина е точно“, стои во реакцијата на „Авалон“ на соопштението на општина Охрид, која исто така ви ја презентираме во целост:
Во демантот од Општината Охрид насловен како “Постапка без вкус на деловност” има наведено многу невистини на кои сме приморани да реагираме:.
Првата и најважна невистина е таа дека тие својата обврска не ја исполнуваат затоа што настапот на Каролина бил на матрица, а наводно било договорено да биде во живо. Ние долги години склучуваме договори за настапи на нашите артисти во Македонија и во странство и секаде каде што треба да се настапи во живо тоа е потенцирано поготово во случајот на Каролина секогаш стои дека таа ќе настапи во придружба на Нејбрз бенд. Во овој случај ви го презентираме договорот склучен со општината во кој може да се види што е наведено.
Дел од Договорот на Авалон со општината што го презентира продукцијата
Констатацијата на Општина Охрид дека “нервозата на Авалон најверојатно е предизвикана од тоа што понудите за настап на нивните ексклузивци за дочек на Новата 2008 година воопшто нема да бидат разгледувани од комисијата формирана за оваа намена” е во исто време и невистинита и смешна од две причини: ние воопшто не сме испратиле апсолутно никаква понуда за настап на нашите ексклузивци во Охрид затоа што Општина Охрид е должна на Авалон веќе една година, а втората причина е што единствени ексклузивци на Авалон Продукција се Каролина Гочева и Ареа и тотално е нелогично 2 години по ред да настапат за дочек на Нова Година во Охрид па дури и да нема никакви други проблеми како што е долгот на Општината кон Авалон.
Констатацијата пак дека “изјавата на еден од сопствениците на Авалон, најмалку што може да се каже е дека таквото однесување не е во духот на деловните односи и дека не може на таков начин да се гради долгорочна соработка” ни е во најмала рака чудна и би сакале да ги запрашаме дали можеби долгорочна соработка се гради на начинот на кој тие сакаат да ја изградат – со неплаќање на своите обврски.
Уште сакаме да ги информираме дека имаме информации за искуства на одредени колеги околу нивната соработка со Општината Охрид но не би сакале а вовлекуваме трети лица во овој наш спор и сакаме да ги потсетиме локалните власти во Охрид што се случуваше со концертот на Брајан Фери . За тоа уште не сме ја известиле јавноста и немавме намера, само сакаме да ги потсетиме.
Сосема за крај би сакале да кажеме дека ние во нашата соработка со Охрид тргнавме токму со идеја за долгорочна соработка, меѓутоа на двата проекти кои ги имавме таму за жал се случија проблеми. Сметаме дека во обостран интерес е проблемите да ги надминеме, меѓутоа би било убаво луѓето во Општината Охрид да размислат кој губи повеќе имајки го во предвид фактот дека заради овие проблеми минатото лето најпосетениот и најголемиот настан во Македонија и пошироко – Paul Van Dyk – заврши во Струга наместо во Охрид, се вели во реакцијата на „Авалон“ продукција.
ohridnews