„Почувствував  дека сум потребен  директно да се вклучам на чело на градот, да го унапредам и економски да го препородам“ рече на првата прес-конференција кандидатот за градоначалник на Охрид од Новата социјалдемократска партија на Македонија, Ацо Попоски.


Попоски подвлече дека  неговата изборна програма содржи 5 главни теми. Тој и неговиот тим, како што рече на прес-конференцијата, ќе имаат задача на Охрид да му ја вратат стопанската перспектива, да ја продолжат туристичката сезона, да ја обезбедат социјалната сигурност, да го направат модерен и урбанистички среден, но и град посветен на граѓаните.

„За мене Охрид е главен град“ додаде Попоски и најави дека откако ќе го добие градоначалничкиот мандат, ќе го спроведе проектот „Топлификација на Охрид“.

Зборувајќи за општинската администрација како сервис на граѓаните, кандидатот за градоначалник од НСДП, Ацо Попоски  најави дека неговата администрација ќе ја сочинуваат најдобрите без разлика на  која партија и припаѓаат.

Денеска и официјално беа претставени кандидатите за советници од оваа партија. Носител на листата е Верица Хајба, дипломиран менаџер по туризам. По неа следуваат Драган Пандески, приватен стопанственик, Гоце Марковски, спортски работник, Васка Кочоска, лекар, Ружди Муфти, дипломиран архитект и Тома Мановски поранешен судија, сега пензионер.

Советничката листа на НСДП, како што беше речено на прес-конференцијата, ја сочинуваат 23 кандидати кои се со различни струки и професии, на различна возраст, и како што рече Попоски, лица кои не се сите партиски членови.  Единствениот критериум за составување на листата беше нивната стручност и компететност што воедно ќе биде и главниот критериум при составување на раководниот тим  во идната локалната самоуправа да има и луѓе кои не се членови на партијата.

А.Р.