Финансиската криза во Металург ги натера „странците“ да го напуштат македонскиот ракометен првак пред завршување на есенската полусезона. Еден од нив е и рускиот бомбардер Павел Атман, кој преку својот официјален профил се огласи за деновите минати во Металург.


– Сакам да ви изразам огромна благодарност за вашата неизмерна поддршка во изминатиот период додека бев во Металург. Навистина имав прекрасни моменти гледајќи ги прекрасните навивачи како не бодрат во постигнувањето на минатогодишниот успех, кога влеговме во осминафиналето во Лигата на Шампионите и освојувањето на прво место дома со победа над Вардар. И покрај сето тоа верувам дека знаете дека морав да си заминам од Скопје, поради фактот што од управата се уште немам никаква исплата, ниту пак исписница – а јас како сопруг и татко треба да се грижам за моето семејство. Па, така од минатата сабота веќе сум назад во мојата родна земја. Поздрав до сите вас и секое добро, Македонија ќе остане засекогаш во моите спомени. Вашиот, Павел Атман. – стои во статусот на рускиот репрезентативец.

Тој во тимот од Автокоманда дојде минатата сезона и и’ помогна на екипата да ја врати титулата во националниот шампионат и да го повтори историскиот пласман на Металург во Лигата на Шампиони.

Мх.П.