Меѓународниот атлетски маратон во Охрид, кој се одржува на 8 септември по повод на Независноста на Република Македонија доби ново име и рекорден број на учесници. Маратонот ќе го носи името на професорот Влатко Димитров, кој почина минатата година, а беше еден од најзаслужните за возобновувањето на атлетскиот маратон пред десеттина години.

Од годинава во склоп на традиционалниот маратон на 30 километри ќе се одржува и маратон на 5 километри, кој ќе се одвива по долж на кејот од Охридското езеро.

– На иницијатива на Председателот на Атлетската федерација на Македонија, Крсте Серафимоски како и неколку маратонци кој патем помогнаа со спонзори за да се обезбеди еден дел од потребните средства за организација на оваа традиционална трка одлучивме да не ја прекиниме традицијата и одново да го организираме Атлетскиот маратон во Охрид. На сотанокот одржан на 31.07.2017 година Организациониот одбор одлучи Меѓународниот Атлетски Маратон да го носи името на покојниот Проф. Влатко Димитров кој беше еден од главните иницијатори покрај повеќето членови во Организациониот Одбор во 2004-та година после 10 годишна пауза да го возобнови одржувањето на оваа традиционална трка. – рече претседателот на организациониот одбор, Пецо Неданов.

„Големиот“ маратонот на 30 километри започнува од граничниот премин во Св. Наум, додека „малиот“ ќе стартува и ќе завршува пред домот на култура „Григор Прличев“. До сега на адреса од организацијата пристигнати се 125 пријави, а се очекува бројот да се зголеми за уште десеттина маратонци. 

На маратонот во Охрид ќе се трча за поддршка на луѓе со тешки болести и нивните фамилии. На стартот од маратонот како дел од тимот ќе се појави и министерот за финансии Драган Тевдовски. 

– Охрид повторно покажа дека има слух за да ја искаже својата поддршка за за пациентите со ретки болести, Охригани со своите активности ја пренесуваат пораката до пациентите со ретки болести : Не сте невидливи, не сте сами, ние сме вашиот глас ! – изјави Гордана Лолеска, волонтер во Здружението Живот со предизвици.


Дел од екипата на тимот за поддршка на лицата со тешки болести.

Вкупниот награден фонд на 31-то издание на Меѓународниот атлетски маратон изнесува 2 400 евра, поделени во машка и женска конкуренција.

OhridNews