Со доделување на специјални признанија и со коктел во Ресторанот „Билјанини Извори“, Атлетскиот клуб Охрид го прослави 40-от роденден. Клубот кој е формиран 1977 година има поминато низ многу турбеленции, но останува синоним за успех и континуитет во Македонија.
Признанија за соработка и поддршка добија Атлетската федерација на Македонија (АФМ) и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, а посебни признанија добија Ристо Трајкоски кој е првиот претседател на клубот, сегашниот претседател Пецо Неданов и Професорот Влатко Димитров кој беше клучната алка во сите успеси во клубот. Целата церомонија започна со минута молк токму поради Влатко Димитров кој минатата година ненадејно почина.
– Почестен сум од поканата да присуствам на јубилејниот 40-ти роденден на Атлетскиот клуб Охрид. Пријатно сум изненаден од нивните успеси на државно и интернационално ниво во овие изминати 40 години и им посакувам уште многу победи и шампионски титули. – изјави Бакрачески.
Моменталниот предводник на клубот, Пецо Неданов е со најголем стаж од неговите 11 претходници кои го воделе охридскиот клуб.
– Поминавме се и сешто со клубот, со Влатко Димитров, со атлетичарите и ние функционираме како семејство. На сите успеси се радуваме заедно и затоа со гордост можиме да кажиме дека сме најтрофејниот клуб во Охрид. Имавме и свој преставник на Олимписки игри, а имавме и кандидат за учесник на следните игри. Ни престои макотрпна работа, но со помош од градот и спонзорите ќе издржиме се и ќе го вратиме сјајот на „кралицата на спортовите“ во Охрид. – рече Неданов.
Најнов успех на охридскиот клуб беше првото место во женска конкуренција на Куп натпреварување во младинска конкуренција, што дава надеж за подобро утре на атлетиката во нашиот град и држава.
OhridNews