Викендов во Камник, Словенија се одржа 26-то Светско првенство во планинско трчање, на кое настапија натпреварувачи од 39 земји од светот. 

Нашата репрезентација учествуваше со сите конкуренции. Во конкуренција кај јуниорките имавме само една преставничка, Марија Стојчевска која на патеката долга 4,5 км постигна резултат од 31 мин. и 20 секунди што беше доволно за 45-то место од 51 натпреварувачка. Победничка во оваа конкуренција беше Јасмин Кан од Турција со време од 24:04 минути.

Единствен македонски представник кај јуниорите беше Александар Стојановски кој трчаше на патека долга 8,5 км. Стојановски постигна резултат од 58 минути и 51 секунда со што го освои 64 место во конкуренција на 76 натпреварувачи. Победник во оваа конкуренција беше Јосиф Андемајкл од Еритреа со време од 42 минути и 30 секунди.

Кај сениорките настапивме со една натпреварувачка, Весна Кираџиева која трчаше 8,5 км и постигна резултат од 1 час 21 минута и 18 секунди со што го освои последното (69) место во оваа конкуренција. Првото место и припадна на Андреа Маер од Австрија со време од 49 минути и 30 секунди.

Кај сениорите кои трчаа на патека долга 12 км. настапивме со комплетна екипа која се бодуваше и за екипен пласман. Во конкуренција на 149 натпреварувачи најдобар резултат постигна Александар Кираџиев со време од 1:16:37 (129 место), потоа следуваат Митко Костов 1:17:05 (132 место), Кокан Ајановски 1:18:19 (134 место), Игор Јакимовски 1:21:11 (137 место) и Ѓорѓи Трендафилов 1:24:04 (141 место).

Победник кај сениорите беше Самсон Гашазги од Еритреа со време од 56:25. Екипно сениорите го зазедоа 21-то место во конкуренција на 24 тима, а позади нас се најдоа составите на Албанија, Монако и Црна Гора.

Ohridnews