Американскиот телекомуникациски гигант AT&T и еден од монополистите на мобилниот пазар во САД, официјално потврди дека ќе го стекне мнозинскиот удел во медиумскиот конгломерат „Time Warner“, кој е сопственик на телевизиските канали CNN и HBO како и на филмското студио „Warner Bross“, а републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп вети дека ќе го спречи спојувањето доколку стане претседател, наведувајќи го како пример за „структура на моќ“ насочена против демократијата и гласачите, пренесува „Макфакс“.
Според соопштението што го објави AT&T, компанијата ќе плати по 107,5 долари за акција на „Time Warner“. Со тоа AT&T ќе плати 85,4 милијарди долари, а земајќи го предвид долгот на „Time Warner“, износот на целата зделка може да достигне 108,7 милијарди долари, Плаќањето ќе биде извршеново готовина и во хартии во вредност во подеднакви делови. Договорот веќе е означен како еден од најголемите во телекомуникацискиот сектор последните неколку години.
„Договорот доби едногласна поддршка од советите на директорите на компаниите“, се истакнува во соопштението. AT&T прецизира дека има намера да ја заврши зделката до крајот на 2017 година. Меѓутоа, договорот за кој станува збор уште го нема официјалното одобрување од страна на регулаторните органи.
Според извори на весникот The Wall Street Journal, челник на новата структура ќе биде извршниот директор на AT&Т, Рендал Стивенсон. Притоа директорот на „Time Warner“, Џеф Бјукс, ќе поднесе остава. Претходно весникот објави дека пред неколку месеци со предлог за спојување со „Time Warner“ се обратила калифорниската технолошка корпорација Apple. Според сознанијата на весникот, разговорите не довеле до резултат, и преговорите останале во фазата на прелиминарни разгледувања.
„Time Warner“, чиешто седиште е во Њујорк, е еден од најголемите светски медиумски и конгломерати во забавната индустрија. Основана е во 990 година преку спојувањето на компаниите „Warner Communications„ со издавачот од печатената индустрија „Time Inc.“.
Основана во 1983 година, компанијата AT&T е најголемиот оператор како на локалните така и на меѓународните телефонски врски во САД, а исто така е еден од најголемите мобилни и интернет оператори на американска територија. Вкупниот број клиенти на компанијата чие седиште е во Далас во сојузната држава Тексас, е над150 милиони луѓе.
Пазарната цена на „Time Warner“ е проценета на 69,6 милијарди долари, а на AT&T на 230,6 милијарди американски долари. Спојувањето на двата медиумски гиганти вредни преку 300 милијарди долари сигурно ќе се соочи со детална проверка на антимонополските тела поради потенцијалното влијание на медиумската сцена.
Аналитичарите за AFP во саботата прогнозираа дека оваа трансакција би можела да поттикне други големи спојувања на медиумските компании.
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во саботата во говорот во Гетисберг вети дека ќе го спречи спојувањето на „AT&Т“ и „Time Warner“, бидејќи смета оти со тоа се создава „структура на моќ“ опасна за демократијата, потсетува Reuters.
„Како пример на структура на моќ против којашто се борам AT&T го купува Time Warner, а со тоа и CNN, што е спогодба која нема да ја одобриме во мојата администрација, бидејќи тоа е преголема концентрација на моќ во рацете на мал број луѓе“, рече Трамп.
Трамп, исто така, рече дека ќе настојува да го раскине договорот за купување на медиумската компанија „NBC Universal“ од страна на „Comcast Corp“, кој беше заклучен во 2013 година. „Договорите како оваа ја уништуваат демократијата“, рече Трамп.
OhridNews
извор: „Макфакс“