Франција и Италија се последните држави кои ја прекинаа имунизацијата со вакцината на „АстраЗенека“. Тие им се приклучија на многуте држави кои претходно го сторија истото, меѓу кои Германија, Холандија, Ирска, Данска, Норвешка, Исланд. Австрија, Естонија, Летонија, Литванија и Луксембург го прекинаа вакцинирањето со дози од една производствена серија на АстраЗенека, а Романија го стопираа користењето на друга производствена серија. Германија ја суспендира употребата на вакцината „како превентивна мерка“ по пријавувањето на несаканите ефекти. Од регионот тоа го направија Хрватска и Бугарија.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека вакцинацијата ќе престане сè додека Европската агенција за лекови (ЕМА) не спроведе нова процена за тоа дали постои некаква врска меѓу вакцината и пријавените инциденти на згрутчување на крвта.

„АстраЗенека“ претходно соопшти дека нема докази дека нивната вакцина против Ковид-19 го зголемува ризикот од згрутчување на крвта.

И Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека ги анализира извештаите поврзани со вакцината на „Астра Зенека“ против Ковид-19, но дека досега нема докази дека некои здравствени проблеми биле предизвикани од вакцината.

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека оваа вакцина е безбедна и оти британската Влада е сигурна во нејзината употреба.

Ист став со СЗО и Британија има и Европската агенција за лекови (ЕМА) која исто така објави дека нема докази оти вакцината на „Астра Зенека“ која се распределува во земјите преку КОВАКС механизмот е причина за здравствени проблеми како згрутчување на крвта или смрт во повеќе земји, кои го запреа нејзиното користење.

Данската здравствена служба, пак, вчера соопшти дека 60-годишна жена која починала откако примила вакцина АстраЗенека имала исклучително невообичаени симптоми. Таа имала мал број на тромбоцити и згрутчување на крвта во големите и малите крвни садови, како и внатрешно крвавење. Неколку слични случаи се потврдени и во Норвешка и во базата на податоци на Европската агенција за лекови за несаканите ефекти. И Бугарија и Хрватска поврзаа смртни случаи по вакцинирањето со „Астра Зенека“, кои, како и многу други држави го прекинаа вакцинирањето со таа вакцина.

Што се однесува до вакцинацијата во Македонија, се очекува денеска Владата на седница да дискутира за прашања поврзани со вкацините преку КОВАКС механизмот.

Од ГАВИ, Алијансата за вакцини, задолжена за КОВАКС механизмот не прецизираат дали земјава ги исполнува условите за да добие вакцини. Оттаму нагласуваат дека е во контакт со сите учесници во КОВАКС за дистрибуцијата на вакцини, но без повеќе детали за процесот во однос на нашата држава.

Додека се чекаат вакцините, за вакцинација до сега се пријавиле вкупно 137 022 граѓани, од кои 80.201 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“, а 56.821 преку матичен лекар.

Од вакцините кои пристигнаа во нашата држава, досега се вакцинирале 4782 здравствени работници.

Бројот на новозаразени и натаму се движи околу 23 отсто од тестираните. Од 1258 тестирања направени во текот на претходното деноноќие беа регистрирани 284 нови случаи на позитивни на коронавирусот. Во исто време, оздравеа 449 пациенти, а починаа 21 лице.

OhridNews