Екипата на АСП Пак се искачи највисоко на тронот на 16-то издание на турнирот во мал фудбал „Велгошти 2019“. Во финалето, АСП Пак го совлада тимот на Хотел Престол на пенали 5-4 откако регуларниот дел заврши 2-2. Бронзениот медал на турнирот му припадна на Мате Маркет кој на пенали со 9-8 (0-0) ја доби Сатеска Волино.
Финалниот натпревар понуди возбудлив и тврд фудбал. Прв до водство стигна Хотел Престол со голот на Даниел Ламбески. До крајот на првиот дел АСП Пак изедначи преку Мишо Ѓорѓиоски. Во второто полувреме Ѓорѓиоски со вториот погодок на мечот донесе водство 2-1 за АСП Пак. Хотел Престол преку Павел Кочески кој погоди од белата точка ја анулираше предноста на противникот. Бројките на семафорот не се променија и победникот се одлучи на пенали. Хотел Престол промаши во втората серија а АСП Пак ги реализираше сите пенали и стигна до третиот трофеј на турнирите во Велгошти.
Вовед во неизвесното финале беше дуелот помеѓу Мате Маркет и Сатеска Волино. Мрежите по 40 минути игра мируваа. Во пенал рулетот во кој се изведоа вкупно 22 пенали подобри беа фудбалерите на Мате Маркет и се закитија со бронзениот медал.
За најдобар фудбалер прогласен беше Даниел Ламбески од Хотел Престол, а наградата за најдобар голман замина во рацете на Оливер Митрески од АСП Пак. Наградата за шампионот изнесуваше 60 000 денари а посебен шмек на финалниот ден му дадоа Некс Тајм и Ѓоко Танески со изведбите во живо.
OhridNews
Фото: Финален ден за паметење на турнирот во мал фудбал „Велгошти 2019“