Екипата на АСП ПАК триумфираше на 17-то издание на традиционалниот турнир во мал фудбал „Велгошти 2022“.

Во финалето што се одигра вечерва пред преполно гледалиште, АСП ПАК ја совлада екипата на Ресторан Станица и Викса Пром со 3:0.

Финалето, како и што се очекуваше, донесе тврд, неизвесен и возбудлив фудбал. На теренот летаа искри на сите страни, но се беше во рамките на фер плејот.

Иако се играше отворено и се создаваа шанси, мрежите мируваа во првото полувреме. Со силно темпо почна и второто полувреме. Се играше 30-та минута кога Нико Пластиноски испрати прецизен проектил од далечина кој заврши во аголот за водство на АСП ПАК.

Екипата на Ресторан Станица и Викса Пром се отвори уште повеќе, но искусниот противник умешно ги казни сите пропуштени прилики. Најпрвин Бошко Наумоски во 39 минута стрелаше за 2:0, а Мише Георгиески во 43-та минута зголеми за 3:0.

Победникот на турнирот инкасираше 90000 денари, а второпласираната екипа 40000 денари.

Турнирот мина во одлична организација, а организаторот најави повеќе новини за 18-то издание во 2023 година. Најважната е таа дека теренот на кој се игра традиционалниот турнир во Велгошти ќе се реновира и ќе добие нова квалитетна и побезбедна гумирана  подлога.

Г.М.
Фото: А. Момироска