Екипата на „АСП ПАК“ го одбрани трофејот на турнирот во мал фудбал „Велгошти 2023“. Во интересно и неизвесно финале, „АСП ПАК“ ја совлада одличната екипа на Кафе бар „Лавадо“ од Враништа со 3:2, полувреме 0:0.
Публиката на до крај исполнетото гледалиште околу отвореното фудбалското игралиште „Тодор Александров“ во центарот на Велгошти, виде добар меч. Се играше, цврсто, на моменти пожестоко, па судиите имаа доста работа, особено во второто полувреме во кое паднаа головите.
Прва во водство дојде екипата на Кафе бар „Лавадо“ на почетокот од вториот дел. Екипата на „АСП ПАК“ не се предаде, напротив, се реорганизираше во поофанзивна формација, во која Мишо Ѓорѓиески беше голман играч., што на крај се покажа како добитна комбинација. „АСП ПАК“ успеа со три гола да направи целосен пресврт. Младата екипа на Кафе бар „Лавадо“ кај која се чувствуваше кратката клупа во финишот намали на 3:2, но тоа беше се од нив.
Пехарот на победничкиот тим му го врачи претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев. Наградата „Васко Речкоски“ за најдобар играч отиде во рацете на Кристијан Цацаноски од Кафе бар „Лавадо“, а му ја врачи секретарот на општината Александар Китески, додека за најдобар голман беше прогласен Наум Таулоски од „АСП ПАК“.
Претходно во малото финале екипата на „Бел Мерцедес“ го совлада „Кафе бар 9“ со 8:2.
На 18 издание на турнирот во мал фудбал „Велгошти 2023“, што се одржа под покровителство на Општина Охрид, учествуваа 24 екипи, а наградниот фонд изнесуваше 150.000 денари.
Г. Момироски
Фото: А. Момироска