Претставници на асоцијациите на земјоделски задруги од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Албанија, Хрватска и Словенија учествуваат на регионалната конференција „Земјоделски задруги – придвижувачи на промени“ што во организација Асоцијацијата на земјоделски задруги на Република Македонија од вчера се одржува во Охрид.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков во обраќањето пред учесниците на собирот ги претстави сите мерки што државата ги презема во однос на задругарството, меѓу кои финансирањето на апликациите за набавка на земјоделска опрема, обезбедување обуки за задружните произведувачи, ангажирањето менаџери за помош на задругите и слично.
– Тука сме да ги чуеме искуствата на соседните држави, да размениме искуства, се со цел да го развиеме задругарството како еден од битните предуслови како да се обезбеди конкурентно земјоделско производство, како по квантитет така и по квалитет, производ што ќе може да се понуди како на домашниот така и на странските пазари, истакна Цветков.
Тој потсети дека во Република Македонија задругарството се уште е во некој зачеток, со две три години откако е донесен Законот за земјоделски задруги, се формирани 19 задруги, но, укажа на потенцијалот од таквиот вид организирање на произведувачите.
Драги Памуков од Асоцијацијата на земјоделски задруги на Република Македонија истакна дека новата легислатива во земјата има овозможува производителите сами да решаваат за начините на организирање и своите активности во иднина.
– Нашата организираност моментално е во зародиш, но се поголемиот број формирани задруги, притоа користејќи ги позитивните искуства од земјите во регионот, ќе овозможи наше активно учество во изнаоѓањето оптимални правила и форми на игра, истакна Памуков.
Никола Михајловиќ, претседател на Задружниот сојуз на Србија, истакна дека собирите како овој во Охрид им овозможуваат на новоформираните задруги да ги користат туѓите искуства во осмислувањето на својата производствена дејност.
OhridNews