Вкупниот број поднесени претставки од незадоволни осигуреници лани достигна 267 и е зголемен за 30 отсто во споредба со 2021 година. Овој податок е јасен индикатор дека граѓаните се почесто ја препознаваат Агенцијата за супервизија на осигурување како заштитник на нивните права од осигурувањето, што е приоритет и трајна заложба на менаџментот на ова регулаторно тело.
Најголемиот број претставки поднесени против една осигурителна компанија изнесува 43. Од нив АСО во корист на осигуреници решил 22 претставки. Заради тежината на еден сторен прекршок утврден преку поднесена претставка од осигуреник, менаџментот на АСО изрече парична казна за една осигурителна компанија.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) реши 62 претставки во корист на осигуреници кои минатата година се пожалиле на квалитетот на услугите што ги добиваат од осигурителните компании. Бројот на претставки решени во корист на осигурениците лани е за 48 отсто повисок од истиот во претходната 2021 година.
Најголем број од позитивно решените претставки, вкупно 21, се од областа на заштита на правата на осигурување покриени со Европски извештај за незгода. Овој тип на осигурително покритие се користи за надоместување на материјални штети со вредност до 500 евра при сообраќајни незгоди.
Според АСО, заради масовноста на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност токму за ова осигурување лани се поднесени 94 поплаки од незадоволни осигуреници. Од нив 60 поплаки се за штети кои биле покриени со Европски извештај за незгода. На штети покриени со полициски записник од настаната сообраќајна незгода се пожалиле 24 осигуреници и тоа е речиси на половина од бројот на поплаки за полициски записник добиени во 2021 година. Од поднесените 24 претставки АСО решил 10 во корист на осигурениците.
Најголем раст на бројот на претставки лани има за штети покриени со осигурување имот. Поднесени се вкупно 57 поплаки што е за 1,7 пати повеќе во однос на 2021 година. Во значајна мерка растот на претставки се должи на штети кои ги предизвика земјотресот во Битола на почетокот на 2022 година.
Кај најбрзорастечката класа – дополнителното односно приватно здравствено осигурување, кое го имаат повеќе од 100.000 граѓани, лани биле поднесени само 21 претставка. Од нив во корист на осигуреници АСО решил 5 претставки.
Според причините заради која се поднесуваат, најбројни се претставките во кои осигуреници се жалат на основата по која осигурителните компании ги утврдувале надоместоците за штета. Лани се поднесени 111 вакви претставки што е за 40 отсто повеќе од претходната споредбена година. Од нив, во корист на осигурениците, АСО решил 31 претставка.
Најголем раст на поплаките според причината за поднесување има кај претставките за начинот на кој компаниите ги обработуваат штетите. За овој период се поднесени 43 такви претставки што е за 1,7 пати повеќе од 2021 година. Од тие 43 поднесени претставки АСО решил 15 во корист на осигуреници.
За две од 16 осигурителни компании лани не била поднесена ниту една претставка. И двете работат осигурување живот. Најголемиот број претставки поднесени против една осигурителна компанија изнесува 43. Од нив АСО во корист на осигуреници решил 22 претставки.
Од вкупно 267 поднесени претставки лани решени се 204. Во процес на решавање се 12, подносителите самоволно повлекле 23 претставки. АСО констатирал дека без основ за постапување се 28 поднесоци.
Од сите поднесени претставки граѓани поднеле 223 поплаки, а правни лица поднеле 44 претставки.
OhridNews