Менаџерот на Арсенал Микел Артета беше првиот човек заразен со коронавирусот во англиската Премиер лига. Челниците на најквалитетната фудбалска лига во Англија после информацијата за позитивниот тест на Артета, експрено реагираа прекинувајќи ги натпреварите во сите конкуренции. Предводникот на „топчиите“ за медиумите од Шпанија го откри целиот тек на настаните, борбата со опасниот вирус и дека подобро се чувствува.
Сега сум многу добро, чувствувам дека се опоравив. Потребни ми беа три-четири денови да застанам на здрави нозе и да тргнат работите во позитивна насока. Имам многу енергија и можам да кажам дека не чувствувам ниту еден од симптомите од коронавирусот. – изјави Артета.
Артета, тестовите за коронавирусот ги направил после позитивниот случај на претседателот на грчкиот клуб Олимпијакос. Арсенал во рамките од 1/16 финалето во Лигата на Европа гостуваше во Атина и се сретна токму со Олимпијакос. Среќа во несреќа е што никој од фудбалерите за сега не е заразен. Единствен позитивен тест бил само тој на Артета.
Добив повик од одборот на директори по тренингот додека бев во мојот автомобил и ми рекоа дека претседателот на Олимпијакос е позитивен на тестот за коронавирусот и сите што биле во контакт со него се изложени на ризик. Веднаш направив тест и резултатот беше позитивен. Сето тоа мораше да му го пренесеме на јавноста, затоа што сите луѓе кои ќе беа во контакт со мене ќе беа изложени на голем ризик и опасност. – истакна Артета.
Во Премиер лигата и германската Бундес лига има најмалку позитивни случаи на коронавирусот што не е случај во Шпанија и Италија каде што нема екипа без заразен од вирусот кој ја демне Европа.
OhridNews