Генерал – мајор д-р Павле Арсоски, носител на Движењето ЗНАМ – за Наша Македонија во Третата изборна едница во интервју за МИА нагласува дека по резултатите од првиот круг претседателски избори е јасно дека без ЗНАМ не може да се формира стабилна Влада. За какви било преговори за идната Влада, Арсовски нагласува дека на сите политички чинители ќе им понудат да потпишат декларација. Во неа, како што посочува, ќе бидат опфатени најважните државни и македонски национални црвени линии.
Движење ЗНАМ, дециден е Арсоски, е политички субјект произлезен од граѓаните и ќе им служи на граѓаните. Нашата идеологија, потенцира, се базира на Илинден, на документите од АСНОМ и на граѓанското изјаснување на референдумот во 1991 година.
Имаме став дека за какви било преговори за формирање идна Влада на сите политички чинители ќе им понудиме декларација во која ќе бидат опфатени најважни државни и македонски национални црвени линии и една македонска национална платформа. Сите политички субјекти кои имаат намера да формираат Влада, а дефинитивно сега е јасно дека без ЗНАМ нема да може да се формира стабилна Влада, ќе мора да се согласат и да потпишат документ, што е национална платформа, за сите чинители во Владата, но посакувано и сите политички чинители во Македонија ќе мора да ги почитуваат во практикување на власта. Пред се работи за заштита на македонскиот континуитет како народ, на историја, култура, на постоењето на континуитетот на македонската нација, тоа е нешто за што немаме намера да правиме компромиси. Ќе побараме од сите политички чинители таква национална стратегија да се потпише, да се изгласа во Парламентот и сите политички чинители и Владата и да се почитува во практикувањето на политиката и на внатрешен и на надворешен план, вели Арсоски, во интервјуто за МИА.
Тој го повтори ставот на ЗНАМ дека претседателот на државата мора да се избира на непосредни избори, со директно гласање како што се прави сега. ЗНАМ, потенцира, е апсолутно против тоа претседателот на државата да се избира во Собранието.
За уставните измени се осврна на тоа дека Движењето ЗНАМ беше првата политичка партија која, како што вели, даде решение како земјата да излезе од оваа безизлезна ситуација. Во интервјуто, го повтори ставот на партијата дека мора да имаме дополнителни гаранции од ЕУ, мора, подвлече, да ја прилагодиме Преговарачката рамка за да бидеме сигурни дека ова е последен непринципиелен услов произлезен од еден билатерален спор на нашиот пат кон ЕУ. Да се осигураме, дециден е, дека и тие евентуални уставни измени ќе стапат во сила во оној момент кога државата ќе стане членка на ЕУ.
Да ние сме за Македонија во ЕУ, тоа е наша стратешка цел, но сметаме дека во ЕУ треба да влеземе достоинствено, како Македонци со македонски континуитет, историја, со традиција и никако поинаку, истакна носителот во ИЕ 3 од „ЗНАМ“.
Откако претседателскиот кандидат Максим Димитриевски ја доби довербата од повеќе од 84 илјади граѓани, според Арсоски, кандидатот на „ЗНАМ“ е најголемиот победник на 24 април, бидејќи, подвлече, само за три до четири месеци постоење како партија, со само три до четири илјади членови, со напорна работа, со презентирање на програмата и на идејата за тоа зошто постои овој политички субјект ја добиле довербата од над 80 илјади гласачи. Лично тој, и секако сите од партијата, нагласува, се горди затоа што имаат, луѓе без багаж, чесни, луѓе реализирани во своите професии кои влегуваат во политика со чесна намера да направат нешто поинаку и подобро.
Во интервјуто, носителот на ИЕ 3 од „ЗНАМ“ говори и за, како што во јавноста се говореше, телефонскиот разговор на Димитриевски со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш по објавувањето на резултатите од првиот круг на претседателските избори, при што истакна дека ако и се случил таков контакт, тоа е за поздравување, но не е вест на денот. Смета дека лидери на политички партии, не само сега, требало и во минатото да комуницираат редовно. Тоа, потенцира Арсоски, е едно повисоко ниво на политичка култура, без оглед на идеолошките разлики, програмски или други и без оглед дали се на позиција или во опозиција, а досега тоа не е практикувано во политиката во државава.
Во однос на кампањата што се води, како за претседателските избори, и за парламентарните избори, носителот на листата во ИЕ 3 од ЗНАМ повторува дека партијата има дефинирано и води позитивна кампања, но содржи и критики на политики, односно како што вели, критика кон „ова катастрофално владеење во последните седум години, имаме критика и за владеењето и пред овие седум години, сега кога СДСМ, а претходно ВМРО – ДПМНЕ ја водеше Владата со ДУИ во сите комбинации“.
Во врска со тезата која дојде од Левица дека ЗНАМ е надуван балон, што ќе пукне откако ќе се формира новата Влада, Арсоски истакна дека немаат намера да критикуваат политички субјекти и да одговараат на такви напади затоа што работат на терен, директно со граѓаните и се фокусирани на нивната идеологија, идеја и програма „Проглас за достоинствена Македонија“ и немаат време да се занимаваат со такви работи.
На прашањето кој беше мотивот од генерал-мајор во пензија да влезе во политиката и секогаш на неговите средби со граѓаните и на партиските митинзи да отпоздравува и стои мирно со војнички поздрав кога се интонира химната на Македонија, Арсоски одговори дека тоа е нешто што доаѓа од внатре од човекот. Јас како војник од дете, вели, секогаш сум го поздравувал и знамето и химната и продолжив и во овој втор дел од мојот живот откако сум во пензија.
Кога ја завршив војничката кариера, носејќи униформа, открива во интервјуто за МИА, веќе бев во комфорна зона, пензионер и можев да останам дома. Многумина како мене првпат се вклучија во политика со единствена и чесна цел, за подобра иднина на идните генерации.
Меѓутоа не можев да останам мирен и морав да се вклучам и на друг начин да и помогнам на државата. Ако Македонија преку Армијата ми дала се, чувствував обврска дека треба да се оддолжам на Македонија на некаков друг начин.
Арсоски во интервјуто говори и за суштински работи кои треба да се променат во Армијата. Македонската Армија е вистинска НАТО Армија, меѓутоа во врвот на Армијата и на Министерството, според него, некои работи ќе треба да се променат. Најважно е, нагласува, Армијата да се деполитизира.
Има доста работи што треба да се променат и ние имаме намера не само Армијата и останатите безбедносно – разузнувачки контраразузнувачки служби апсолутно да ги деполитизираме, вели генерал Арсоски. За МИА, носителот во ИЕ 3, информира дека ЗНАМ се има обврзано да го реши и статусот на професионалните војници.
Да решиме едно горливо прашање. Во контакти со синдикатите во одбраната, особено со Синдикатот на професионалните војници, се обврзавме да го решиме статусот на професионалните војници. Нашиот план и крајна цел е професионалните војници да имаат статус на вработени на неопределено време и да ги стекнат сите права и обврски до пензионирање како и сите останати вработени во Армијата. Професијата професионален војник е можеби единствена професија во државна служба која трае во континуитет од почетокот до крајот на определено време на три години. Ние сметаме дека професионалните војници заслужуваат да имаат сигурност, стабилност во таа служба во Армијата, порачува Арсоски.
Во интервјуто за МИА, Арсоски информира дека ЗНАМ низ програмата и проектите ќе инстистира на домаќинско работење и трошење на буџетските пари.
Најважно е да се избориме против корупцијата, особено високата корупција, која е веројатно извор на сите проблеми во државата и исто така да се избориме Македонија да биде што е можно посамоодржлива држава, порачува Арсоски. Додава дека сме зависни во секој поглед, а како пример го посочи производството на енергија, за што смета дека треба да направиме напори како држава производството на енергија да биде во државна сопственост и што е можно и колку е можно повеќе енергија да произведуваме сами, вели Арсоски.
Според него, во ИЕ 3, каде тој е носител на листата од ЗНАМ проблем број еден е иселувањето, а вториот е врзан за земјоделството. Нагласува дека ЗНАМ има проекти за поддршка на земјоделството и за земјоделците. Земјоделството, истакнува Арсоски, е една од гранките која сметаме дека може да биде самоодржлива.
Имаме големи земјоделски површини земени од приватни субјекти, се земаат субвенции, огромни средства од државата, веројатно дел од тие субвенциии завршуваат во партиски каси, а земјиштето не се обработува. Од друга страна реалниот земјоделец или фармерот, го нема земјиштето на рапсолагање, нема загарнтирани откупни цени, рече меѓу другото во интервјуто за МИА, Арсоски, додавајќи дека ако се погледне аналитика, цели градови се иселуваат, што е катастрофална состојба.
OhridNews
извор/фото. МИА