Кошаркарската репрезентација на Германија, e денешниот противник на Македонија во второто коло од втората фаза на Европското првенство во Полска. Германците не може да сметаат на НБА-ѕвездите Дирк Новицки и Крис Кејман, имаат релативно млад состав, кој би можел да се победи.
Црвено – жолтите тоа го покажаа на неодамнешниот турнир „Ефес Пилсен“ во Турција каде што ги совладаа „панцерите“ покажувајќи им дека претходниот пораз во Бамберг беше само несреќен случај.Пресметката со Германија за избраниците на селекторот Јовица Арсиќ е можеби клучна за остварување на желбата за пласман во четврт-финалето.
– Противникот подолг период игра без класичен плејмејкер, нешто што би можеле да го искористиме со агресивна одбрана на нивните бекови. Сепак, сé се тоа работи што е лесно да се кажат, а тешко да се реализираат. Важно е да влеземе добро во мечот, да држиме висок ритам и победата ќе си дојде сама по себе. Колку и да е ослабена германската чета, играњето на помлади и понедокажани играчи може да се покаже лошо за противникот бидејќи тие се помотивирани за игра. Реално, клучот на победата на денешниот меч е само во наши раце. Шокот од поразот против Хрватска полека минува, играчите се подготвени за добра игра. Дали тоа ќе биде доволно да се победи противникот, ќе видиме – вели Арсиќ.
ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com