„Постојано работиме за да обезбедиме развој на сите сфери од секојдневното живеење и да создадеме подобри услови за сите категории граѓани. Осoбено сме посветени на подобрување на условите за лицата со посебни потреби и за старите лица од Охрид“, истакна на денешната прес конференција Рената Арнаудова, презентирајќи дел од предизборната програма на кандидатот за градоначалник  Константин Георгиески.

  • Општинската зграда е веќе достапна за лицата со попреченост, поставена е рампа и ставен е во функција лифтот за полесно движење на сите катови. Во моментов се имплементираат два проекти финансирани од странски фондови, за подобрување на условите за оваа категорија на граѓани. Со првиот проект ќе се реконструираат влезните скали кои водат до големата општинска сала и ќе се постави лифт платформа за лица со физички хендикеп. Исто така во рамки на проектот, салата ќе биде опремена со посебни пултови за лица од ранливите категории и простор за инвалидски колички, со цел да се овозможи полесен пристап за подобри општински услуги. Вториот проект предвидува набавка и поставување на опрема – електромоторен транспортер за инвалидски колички и преносни рампи за потребите на учениците со попреченост во ОУ Св.Климент Охридски. Исто така во моментов во рамки на програма за финансирање, се имплементира и проект за здравствени и социјални услуги за стари лица и деца и нивна рана превенција, рече Арнаудова.

Додаде дека во наредниот период предвидена е реализација на План за достапност на сите објекти и простории за целото општинско подрачје за лицата со попреченост.Основната цел на планот е да се подобрат условите за движење и достапност до објектите и да се зголеми безбедноста на лицата со посебни потреби во сообраќајот преку поставување на соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација како и сигнална опрема со светла и звук

  • Со цел да се придонесе за унапредување на квалитетот на животот на старите и немоќните лица, ќе ги вложиме сите напори за реализација на проектот за изградба на Дом за стари лица во населбата Далјан.Фирмата која веќе стопанисува со градежното земјиште има обврска наскоро да ја започне изградбата на ваков наменски објект. Исто така за подобрување на условите за лицата од трето доба во Охрид, планирана е изведба на катчиња и паркови за пензионери збогатени со соодветни содржини на повеќе локации во градот, потенцира Арнаудова.

OhridNews