Оптимизмот дека во октомври Македонија ќе добие позитивен извештај Арифи вели дека не може да се темели на желбите, туку на она што се прави.
„Јас го темелам врз основа на тоа како одговоривме најпрво и на листата, го темелам и врз тоа дека можеби можеме да дадеме еден нов поттик на процесите, мислам дека имавме добри избори, што мислам дека ќе се признае во извештајот и мислам дека ќе биде извештај со кој ние ќе поминеме, ќе добиеме преодна оценка, можеби не највисоката, но има ситуации кога е битно да поминете и сметам дека ќе поминеме и од тоа треба да бидеме задоволни“, посочува Арифи.
Подготвеноста на македонската влада за решавање на македонско-грчкиот спор Арифи вели дека отсекогаш постоела и се покажувала, но смета дека тоа треба да биде покажано и од другата страна.
„За нас можеби ова прашање е поургентно и позначајно отколку за другата страна, затоа што ние сме надвор од клубот, а тие се внатре во клубот и ете можат и вака да не блокираат и да не кочат, а не е во наш интерес да останеме надвор од процесот затоа што е значаен тој евроатлантски процес. Сметам дека треба да дадеме поттик, да покажеме добра волја, да вложиме наши енергии за да излеземе од блокадата, затоа што на крајот на краиштата тоа е наш интерес“, констатира Арифи.
За листата на критериуми кои од нас ги бара ЕУ за добивање на датум за преговори, Арифи појаснува дека бил подготвен акционен план по секоја од темите што била на листата, кој план поминал на Влада и смета дека во него се адресирани сите прашања кои биле на листата на Санино и оти има активности по сите тие прашања.
Во врска со опасноста од укинување на визната либерализација, ставот на вицепремиерката е дека треба да се третира сериозно ова прашање и оти треба да им се укаже на македонските граѓани дека не треба, како што вели, да бидат жртви на интереси на разни агенции кои би сакале да вршат транспорт и евентуално да ја доведат под знак прашање можноста на сите граѓани да патуваат без визи.
извор:„Макфакс“