Арифа Малоска, ученичка во ОУ „ Братство и единство“ го доби Ловоровиот венец за најдобар млад оратор на денес одржаниот финален натпревар на „ Ораторските средби“ што општина Охрид ги организира по повод 155 годишнината од наградувањето на поемата „ Сердарот“ од Григор Прличев.

Тоа дека Прличев има следбеници видовме низ многу книжевни настани, како и денес преку одличното интерпретирање на извадоци од неговото дело. Навистина станува збор за прекрасни интерпретатори од кои моравме да избереме една прва награда што беше тешко, секој од нив имаше свои квалитети но нашата комисија согледувајќи ги сите квалитети помалку или повеќе нагласени, донесе одлука првонаградена да биде ученичката Арифа Малоска, рече претставникот на жири комисијата, Смиле Наумоски.

Наградата, Ловоровиот венец на Малоска и го врачи претседателката на советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, која истакна дека со денешниот настан се заокружува низата активности со кои оваа година се одбележа 155 годишнината од доделувањето на наградата за „ Сердарот“.

Одбележувањето и чествувањето на делото на Прличев не е само наша обврска, туку и света должност и задоволство на секој охриѓанец. Прличев е човекот кој најмногу го задолжил овој град  со своето дело „ Сердарот“ , некој кој ја пушти најсилната порака до сите кои живееле и ќе живеат на овие простори, максимата совршенство или смрт. И денес е големо задоволство кога гледаме колку младите и по 155 години стремат кон совршено интерпретирање на неговите зборови, рече Коњановска.

Второнаградена на финалниот натпревар беше Сара Паункоска од ОУ „ Григор Прличев“ и третонаградена Теодора Николоска од ОУ „ Христо Узунов“.
Меѓу присутните на денешната свеченост беше и правнуката на Прличев, Олга Прличева.

Т.К.