На 3 мај во Охрид ќе се одржи настанот „Начинот на Чипан“: изложба + дискусија + публикација, организиран од колективот АРХРИД, со поддршка од Општина Охрид и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на РМ, во партнерство со TerraViva.

Овој значаен настан има за цел да ја одбележи 70-годишнината од изградбата на Феријалното одморалиште во Охрид и објавувањето на книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ од Борис Чипан, како и да ги промовира резултатите од интернационалниот архитектонски конкурс „Наутички клуб – Охрид“.

Со организацијата на настанот „Начинот на Чипан“ кој вклучува публикација, дискусија и изложба, влечејќи директна инспирација од работниот процес на Чипан (проучувајќи ја традицијата проектира современо), тимот на АРХРИД се става во истата позиција, но гледано од друга временска перспектива, каде модернистичкото архитектонско наследство е веќе составен дел на нашето минато кое треба да биде проучено, вреднувано и соодветно третирано од аспект на денешната современост. Освен одбележување на јубилеите и паралелна промоција на конкурсните трудови од спроведениот интернационален архитектонски конкурс, крајната цел на настанот е афирмација на современото архитектонско творештво преку ретроспективно согледување на значењето на вредното проектантско и публицистичко творештвото на Чипан како архитект и конзерватор, информираат од АРХРИД.

Настанот опфаќа богата програма со две панел-дискусии, изложба и публикација, при што учесници ќе бидат реномирани архитекти, професори и конзерватори кои ќе разговараат за архитектонското наследство и неговата иднина.

Со реализација на изложбата која е поделена во два дела (1955 г. – 2025 г.) целта е, велат, преку анализа на два конкретни практични примери: книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ и објектот на Феријалното одморалиште во Охрид – двете под авторство на архитект Борис Чипан, да се презентира компаративно согледување на предизвиците и процесот на работа во полето на архитектурата во Охрид од две различни временски перспективи – минатото во однос на сегашноста и сегашноста во однос на иднината.

Имајќи ја предвид комплексноста на изложениот материјал, со цел да се доближи значењето на физички изложените продукти до пошироката публика, но исто така и да се поттикне архитектонски дискурс кој подолго време му недостасува на Охрид, во рамки на настанот се планирани две панел дискусии коишто ќе претставуваат вовед во двата дела на изложбата соодветно, додаваат од АРХРИД.

Во рамки на првата панел дискусија ќе се направи компарација помеѓу препознавањето,  вреднувањето и третирањето на архитектонското наследство во минатото и денес. Во рамки на втората панел дискусија ќе се даде акцент на улогата на архитектонските конкурси во поглед на препознавање на потенцијалот и значењето кое го носи постоечкото модернистичко наследство во Охрид, со осврт на конкретен пример – неодамна спроведениот интернационален конкурс за ревитализација на објектот на Феријалното одморалиште во Охрид.

Настанот ќе се одржи во Центарот за култура со почеток во 18 часот

OhridNews