Архимандрит Нектариј, игумен во манастирот Св. Наум Охридски во Охрид е добитник на највисокото признание што го доделува Општина Охрид „Св. Климент Охридски“ – Патрон на градот за 2022 година.

Наградата за животно дело односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во општествениот живот кои се од особено значење за Општина Охрид  и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и светот му се доделуваат на Архимандрит Нектариј земајќи го во предвид предлогот на стручната комисија и општо познатите факти за долгогодишните остарувања и врвни достигнувања за време на неговиот повеќедецениски монашки чин во манастирот Св. Наум Охридски во Охрид, за неговото несебично залагање за возобновување на манастирот кој прераснува во еден од најголемите духовни и културни бисери во Европа, за неговата искреност во верата и помошта на верниците, за промоцијата на македонската црква, вера и промоција на културниот и верскиот туризам на Охрид во светски рамки, како и за севкупна афирмација на Охрид во Р. Македонија, секако и во светот, рече на денешната прес конференција градоначалникот Кирил Пецаков.

Архимандритот Нектариј по стапките на Свети Наум Охридски 41 година е монах и духовник на свештенството во Дебарско-кичевската епархија како и на многубројниот верен народ на МПЦ Охридска архиепископија. Редактор е на годишниот црковен алманах „Светиклиментово слово“ кое се публикува од 1990 година па се до денес. Учествува во превод на повеќе богослужбени книги и е лектор на повеќе од сто наслови. Со несебичното залагање на архимандритот Нектариј започнува целосната преродба на манастирот Св. Наум Охридски, истакна Пецаков.

Оваа година доделени се и четири повелби „Св. Климент Охридски“- Патрон на градот, а до Комисијата биле пристигнати 13 апликации.

Повелба им се доделува на Димче Каневче, за неговата добротворна работа и спроведените хуманитарни акции за помош на социјално-загрозените семејства, Летка Филипова за нејзините неуморни хуманитарни и општествени трудови за помош на многу социјално загрозени семејства и поединци, како и за придонесот за воведување на Бадниковата поворка, Здружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС Балкна медиа“ Охрид за рализација на повеќе проекти за поддршка на лицата со телесен инвалидитет и Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“ од Охрид за спроведените проекти наменети за квалитетот на животот на младите луѓе, за развој на младинската свест, поттикнување на младинскиот активизам, соопшти претставникот од Комисијата за доделување на повелби, Наум Јамандиев.

Н.С.Ј.

видео. К.С.